Историски ден за македонскиот тенис!
Македонската тениска надеж Калин Ивановски се пласира во осминафиналето на јуниорското издание на Вимблдон откако го совлада литванскиот тенисер Едас Бутвилас со 2-0 во сетови.
Ова е неверојатен подвиг на 17-годишниот Ивановски кој влезе како аутсајдер и успеа да помине две препреки на престижниот Грен слем турнир.
Првиот сет кој траеше час и половина Калин го доби во тај-брејкот со 7:6, а и вториот сет беше интересен и неизвесен, двајцата тенисери беа блиску, но на крајот македонскиот тенисер беше повешт и умешен за да го приврши во своја корист. Тај брејкот го реши и вториот сет, а и овој пат како победник излезе македонскиот тенисер (8-6). Со тоа успеа да го добие и мечот.
Ивановски беше подобар во речиси сите сегменти за разлика од противникот: повеќе асови, одличен процент на успешност при првиот сервис, поголема успешност и во вториот сервис. Добро одигра на мрежа со 76% на успешност, а имаше убедливо повеќе „винери“ (34-12).
Да потсетиме дека во претходното коло македонскиот талент го елиминира Дејли Бланш од Соединетите Американски Држави. Калин играше и во двојки но во тандем со Пољичак од Хрватска изагубија од Ринкон-Шелбај уште во првото коло.
Во наредната рунда Ивановски ќе игра со подобриот од Бразилецот Луреиро и Британецот Пинингтон Џонс.
Ивановски досега има два трофеја во сингл, лани триумфираше во Софија, а оваа година во германски Оберпулендорф.