Шкупи со солидна предност од 2:0 пред реваншот со Лапи

471

Шкупи е единствениот македонски тим кој што триумфираше во 1. коло во Европа. Тимот од Чаир вечерва се стекна со солидна предност од 2:0 против косовски Лапи пред реваншот идната недела. Чаирчани треба да жалат затоа што можеа на крајот да се стекнат и со поубедлива победа, и помирно да патуваат на реваншот во Косово.

Маркоски во првиот дел и Руатубиаје во финишот ја донесоа оваа победа, а шанси имаа и Цветаноски, и Ѓорѓиевски и Чемшеџиев, но не постигнаа погодок. Лапи, пак, се закани само еднаш посериозно, премалку да го изненади Наумовски.

МАРКОСКИ ПРАВИ „ДАР-МАР“ И ПОГОДУВА

На полувремето Шкупи имаше предност со голот на Маркоски. Маркоски во 36. минута направи „дар-мар“ во дефанзивата на Лапи, го мина и голманот и постигна погодок. Тоа беше водство за Шкупи, после кое „помирно се дишеше“.

Претходно Цветаноски два пати се најде во шанса, а во финишот на првиот дел Чешмеџиев имаше добра прилика, меѓутоа не донесе 2:0.

НЕКОЛКУ ШАНСИ ВО ВТОРИОТ ДЕЛ…

Во вториот дел нови шанси за Шкупи. Цветаноски од контра напад додава до Ѓорѓиевски кој само и го смени правецот на топката, а таа го измами голманот, но еден од одбраната на Лапи успеа да расчисти во корнер.

Следуваше слободен удар и комбинација меѓу Маркоски и Ѓорѓиевски кој шутира само крај голот.

Сето тоа можеше да биде казнето по шансата на Хоти од 20 метри, а Наумовски избива во корнер. Тоа беше најдобрата шанса за косовскиот тим.

ЛАПИ ЗАЛУДНО ГО СМЕНИ ЦЕЛИОТ НАПАД, ШКУПИ ДОЈДЕ ДО 2:0

Интересни измени од страна на гостинскиот тим. Лапи го смени целиот напад, односно сите тројца во навалната линија, меѓутоа ниту новите играчи не направија проблеми. Најсериозната закана дојде од средниот ред, од Хоти.

Но, не само што не успеаја да се заканат, туку во финишот, односно во судиското продолжение Шкупи се стекна со 2:0 со голот на Руатубиаје. Нафрлена топка од Алварез, а стоперот на Шкупи успеа со глава да ја „забие“ топката во мрежата.

 

ЛИГА НА КОНФЕРЕНЦИИ, 1. КВАЛИФИКАЦИСКО КОЛО, ПРВ НАТПРЕВАР

ШКУПИ – ЛАПИ               2:0 (1:0)

Национална Арена „Тодор Проески“ во Скопје.

Гледачи: 3.000.

Судија: Алард Линдхоут (Холандија)

Стрелци: Маркоски 36’, Руатубиаје 90+4’

Ж. Картони: Руатубиаје, Адем, Фаустин, Чешмеџиев (Ш) – Шабани, Емини (Л).

ШКУПИ: Наумовски, Китановски, Руатубиаје, Фаустин, Зука, Адем (63’ Шабани), Алварез, Чешмеџиев (82’ Алии), Маркоски (82’ Иљази), Ѓорѓиевски, Цветаноски (70’ Трапановски).

ЛАПИ: Ќориќ, Емини, Пренчи, Идризи, Пепоши, Хоти, Рамадани, Шабани, Селмани (65’ Садриу), Шилова (77’ Дос Анхос), Велиу (69’ Малиќи)

ПретходноМатијашевиќ: Од „Фејсбук“ дознав за смената, претседателот преку СМС ми кажуваше кого да ставам!
СледноТренерот на Лапи: Шкупи победи со две шанси, оваа негатива е достижна