Данските навивачи кои живеат во Лондон сведочат за сите малтретирања кои ги доживеале по завршувањето на полуфиналниот меч на Еуро 2020 меѓу Англија и Данска. Џенет Јоргенсен, која живее во Лондон 15 години, за „Гардијан“ раскажа што доживеала веднаш по напуштањето на стадионот.
„Кога го напуштивме стадионот по натпреварот, луѓето почнаа да ни дофрлаат во стилот „вие не припаѓате овде“. Имавме и данско знаме кое се обидуваа да ми го одземат, но јас го извадив и реков: „Не го допирај“. Потоа почнаа да ми ја влечат косата, не ми се веруваше што се случува. Беше прилично застрашувачко“, изјавила Јоргенсен.
„Ивнинг Стандард“ опишува како деветгодишно момче избегало на врвот на автобусот откако неговиот татко Данец бил удрен во стомакот од англиски навивач кога група од 40 навивачи ги видела во автобус во дански обележја. Исто така, постојат обвинувања дека некои млади дански навивачи биле плукани кога влегле на стадионот.
Друг инцидент се случил во автобус по натпреварот, кога татко Данец бил нападнат пред своите деца само затоа што носел обележја на својата земја.
„Моите ќерки на возраст од 14 и 11 години не се осмелуваа да покажат дански маици и капи затоа што беа заплашени од англиските навивачи“ , рече Сигрун Матизен Кембел за данскиот ДР.
Данските фанови испратија предупредување до Италијанците кои живеат на Островот и кои ќе дојдат за неделното финале да бидат многу внимателни.