Горан Пандев сакаше да се откаже од настапите за Македонија, меѓутоа се врати и по неколку години го доживеа најголемиот успех во кариерата – играше со Македонија на Европското првенство.
И Лионел Меси имаше сличен пат. Големиот фудбалски ас имаше неславни моменти. По четири неуспешни финалиња, конечно ја освои Копа Америка.
Во 2016 година на Копа Америка Сентенарио, Аргентина играше финале со Чиле. Во пенал рулетот Меси промаши удар од белата точка, Аргентина не успеа да триумфира. Меси објави крај на интернационалната кариера. Не само поради неуспехот, туку и поради се пожестоките критики од навивачите кои сметаат дека Меси не го дава максимумот како што го дава за Барселона.
Само месец и половина откако се откажа од аргентинскиот дрес, Меси ја смени одлуката и реши да продолжи да игра. Меѓутоа следната година Меси доби уште еден удар кога поради навреда на судијата на мечот со Чиле доби суспензија од четири натпревари и парична казна. Следната неславна епизода беше во 2019 година кога не успеа да триумфира на Копа Америка. Се спречка со Гери Медел од Чиле, по мечот одби да го земе бронзениот медал и ги крикитуваше организаторите на турнирот поради што беше казнет.
Поради тоа тој беше суспендиран и три месеци не можеше да игра за Аргентина.
Но и покрај жестокиот притисок од јавноста дека времето на Меси во аргентинската репрезентација е поминато и Федерацијата мора да се фокусира на други играчи, сепак, тој и понатаму добиваше поддршка од соиграчите, главните луѓе на ФФ на Аргентина и од селекторите.
Продолжи да игра. Конечно, се одржа Копа Америка 2021. Турнирот кој три пати го смени местото на одржување се одигра во Бразил. Бразилците влегоа како фаворити поради тоа што се бранители на титулата и домаќини, но ете на терените на Бразил блеснаа Аргентинците. Блесна Меси. Даде четири гола, запиша пет асистенции, ја понесе Аргентина до титулата. Ја освои драгоцената титула во националниот дрес.