Голманот на Италија, Донарума, кој беше прогласен и за МВП на Европското првенство, призна дека не бил ни свесен дека Италија стана европски шампион кога го одбрани пеналот Сака.
Младиот голман веќе долго време е стандарден на голот на „аѕурите“, а од недела е нов херој на нацијата.
На снимката по последниот пенал на Сака се гледа како тој мирно заминува од голот, додека неговите соиграчи трчаат кон него.
„Не прославив веднаш, бидејќи не знаев што се случува. Помислив дека кога промаши Жоржињо изгубивме. Кога го одбранив тој пенал, само погледнав во судијата за да видам дали сè е во ред. Одеднаш ги видов момците како трчаат кон мене. Претпоставувам дека сè ми беше јасно тогаш“, беше искрен Донарума.