Шкендијо – СРАМ ДА ТИ БИДЕ!

19669

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Ако е ова најдоброто од Македонија… е тогаш навистина го допревме дното во клупскиот фудбал. Шкендија, првакот на Македонија вечерва доживеа вистински дебакл на гостувањето во Мурска Собота кај Мура, првакот на Словенија.

Тие 0:5 се најтешкиот пораз во историјата на клубот во фудбалска Европа. Се разбира тука не ги сметаме оние 0:6 на “Сан Сиро“ во Милано.

Мура, ако имаше среќа можеше да дојде и до 10:0, 11:0, ете колку шанси имаа момците во црно – бело, кои просто си се изнаиграа фудбал.

Па така можеме само да кажеме: Шкендијо – СРАМ ДА ТИ БИДЕ!

Што е многу, многу е.

За ова навистина некој треба да одговара. Јасно е дека Шкендија не е толку послаба од Мура, но исто јасно е дека и на двата меча се беше промашено. Од тактиката, до тоа како треба да се игра, како треба да се однесува еден првак на својата земја.

Ова е болен и срамен пораз не само за Шкендија, туку и за македонскиот фудбал воопшто.

И одново, за ова некој во Шкендија навистина треба да одговара.

За ова треба да “летаат глави“, да се делат откази. Ова не може туку така да мине.

Шкендија вечерва во Мурска Собота личеше на се, само не на нашиот најдобар клуб. Словенците си се потсмеваа со Шкендија, кога сакаа ја тресеа мрежата на Захов.

Сите заслужуваат критики, се разбира најмногу стручниот штаб.

Дури сега се гледа дека оваа Шкендија е далеку, далеку и тоа светлосни години зад онаа Шкендија од пред 2-3 години кога знаеше и тоа како да игра во Европа, да игра и во плеј – офот во Лигата на Европа.

И сега трк во Конференциската лига, тимот на Рига од Летонија е ривалот, барем малку да се зацелат раните, кои и тоа како се длабоки.

ПретходноПОТВРДЕНО: Руи Патрисио е нов голман на Рома
СледноЕкс играч на Вардар влезе во историјата на европските натпреварувања