Каква ШЛАКАНИЦА за македонскиот првак. СРАМНО издание на Шкендија, СРАМНА елиминација на нашиот првак во 1.квалификациско коло во Лигата на Шампионите. Катастрофална Шкендија, очајна Шкендија во реваншот вечерва во Мурска Собота. Мура си се изнаигра и успеа да победи со 5:0, па така со вкупни 6:0 се пласира во следната фаза, а Шкендија утеха ќе бара во 2. квалификациско коло во Конференциската лига и тоа против Рига од Летонија.
Тетовци загубија со 5:0, а според шансите, играта, посебно во вториот дел можеше да биде и пораз изразен со двоцифрен резултат.
Првиот дел почна со отворена игра од двете страни. Се играше агресивно, со цел да се постигне гол. Тетовци го имаа поседот на топката, но Мура прв имаше прекрасна шанса преку Ципот во 6.минута, сепак Захов брани. Во 13.минута Бобичанец опасно се закани. Двете шанси Шкендија ги имаше во 15. и 16.минута преку Дориев и Алими, сепак штета, немаше гол.
И од тогаш Мура како да префрли во поголем брзина и просто доминираше на теренот. Прво Бобичанец во 25.минута стрелаше за 1:0,, додека Коутер во 45+1. погоди за 2:0. Да кажеме дека во 42.минута Кривак доби втор жолт картон, и мораше да го напушти теренот.
МУРА НЕ ЗНАЕ ЗА ДОСТА, КЛЕПАЧ ЗА 3:0
Ѓока на полувреме направи две измени, во игра ги внесе Незири и Нафиу, ама бадијала. Мура не престана да игра добро, а Шкендија лошо. Па така Клепач во 55.минута погоди за 3:0, ова е веќе огромно водство за шампионот на Словенија.
Интересно, во 59.минута од игра излезе Ибраими, место него влезе Хебај. И тоа беше тоа од Шкендија, со оваа замена тетовци признаа дека нема што да бараат.
А Мура играше и играше, Бобичанец беше расположен, малку недтоставуваше во таа 60.минута да погоди за 4:0. Шкендија беше очајна, едноставно се предаде, како едвај тетовци да скаа да заврши овој натревар во Мурска Собота. А шансите на првакот на Словенија се редеа пред голот на Захов.
И тоа не беше се од Мура, Коус во 65.минута ја затресе мрежата на Захов за 4:0.
За не биде крај,се погрижи Клепач кој стрелаше во 87.минута за конечни 5:0.
И тоа беше тоа од овој натпревар кој фановите на тетовци ќе треба што побргу да го заборават.
1.квалификациско коло во ЛШ – реванш (прв меч 1:0)
МУРА – ШКЕНДИЈА 5:0 (2:0)
Стадион “Фазанерија“ во Мурска Собота. Судија: Марсел Бирсан (Романија). Стрелци: Бобичанец 25., Коутер 45., Клепач 55.,87. Коус 65. (МУР). Ж. Картони: Кривак (ШКЕ). Ц. Картони: Кривак 42. (ШКЕ).
МУРА: Обрадовиќ, Карничник (68. Карамарко), Марушко, Горенц, Коус, Коутер (68. Козар), Бобичанец (77. Мароса), Хорват, Штурм, Клепач, Ципот (68. Мандиќ).
ШКЕНДИЈА: Захов, Мурати, Кривак, Бејтулаи, Павич,Зејнулаи (46. Незири), Алими, Игор (46. Нафиу), Џака, Дориев (69. Елези), Ибраими (59. Хебај).