Македонската кошаркарска репрезентација од денеска е во Маврово каде ќе остане до 21 овој месец. Драган Бајиќ и неговите соработници полека ќе ја темпираат формата до почетокот на претквалификацискиот турнир за СП 2023 година.
Во овој дел од подготовките ќе ги нема Ненад Димитријевиќ, Џејкоб Вајли и Стојан Ѓуроски, првите двајца добија дополнителен одмор, додека Ѓуроски е под знак прашалник за настапот во претквалификациите.
Покрај проблем со составот, поточно и отсуството на капитенот Војдан Стојановски и неговиот брат-близнак, Дамјан, Бајиќ има „мака“ и со пријателските натпревари. Предводникот на нашиот национален тим бара спаринг партнери, токму пријателските натпревари ќе покажат во каква форма се момците.
До сега Македонија има договорено контрола против Црна Гора, се прават напори со оваа селекција да се одиграат две средби во три дена (на 2. и 4. август). Во отсуство на посилни противници, сениорите ќе одиграат и меч против репрезентацијата до 20 години.
„Останавме без неколку пријателски мечеви, тешко е да се најдат противници. Во овој период пријателските натпревари се многу важни. Засега имаме закажано една средба со У20 репрезентација по враќање од Романија, и една со Црна Гора на 2. август. Ќе се обидеме да одиграме со нив два меча во три дена. Бараме нови противници за да влеземе подготвени во претквалификациите. Не е ниту до нас, ниту до федерацијата, едноставно е тешко да се најдат спаринг партнери“, изјави Бајиќ.
Новиот селектор ќе се обиде од она што расплага да направи едно, сака кошаркарите да функционираат како едно големо семејство.