Напаѓачот на Манчестер Јунајтед и на англиската фудбалска репрезентација Маркус Рашфорд ќе го пропушти почетокот на сезоната во Премиерлигата поради операција, објави Би-Би-Си.
Рашфорд ќе биде опериран поради проблем со рамото и се очекува да се опорави за околу три месеци. Напаѓачот беше повреден на крајот од минатата сезона, но стисна заби да го одигра Еуро 2020. Вчера тој беше подложен на скенирање, кое покажа дека повредата е сериозна и не може да помине сама по себе.
Според Би-Би-Си, операцијата ќе биде направена до крајот на јули, по што Рашфорд треба да се опорави за околу 12 недели. Ова значи дека ќе биде на терените најрано на крајот на октомври.