Струга ТЛ, Силекс и Шкупи играат и за +350.000 евра!

1552

Денеска и вечерва три наши екипи ќе ги одиграат своите реванш мечеви од 1.квалификациско коло во Конференциската лига. И сите три се со шанси да се пласираат во следната фаза, каде што таму ги чека Шкендија која по дебаклот на стартот во квалификациите во Лигата на Шампионите се “пресели“ во Конференциската лига. Тетовци на 22 и 29 јули ќе играат со Рига. Кога сме кај заработувачката, да кажеме дека Шкендија веќе, без ниту една победа досега, си заработи 1.000.000 евра.

И без ништо да не направи со Рига.

Сепак денеска и вечерва во центарот на вниманието за нас ќе бидат Струга Трим Лум, Силекс и Шкупи.

Стружани од 17 часот на ФФМ се среќаваат со летонската Лиепаја, првиот меч заврши 1:1. Во случај на минување на оваа пречка, момците на стратегот Срѓан Захариевски ќе се сретнат со ЦСКА Софија. Првиот меч од тоа 2.квалификациско коло се игра во Бугарија.

Силекс во Молдавија кај Петрокуб од Скопје ги однесе тие 1:1. Во случај да ги минат Молдавците, кратовци во следната фаза ги чека двомеч со Сиваспор од Турција. Инаку вечерашниот меч во Кишињев почнува од 19 часот.

И на крај Шкупи вечерва од 20 часот гостува во Приштина, каде што на стадионот “Фадиљ Вокри“ против косовскиот Лапи, ќе ги “брани“ тие 2:0 од Скопје. Факт е дека треба да се случи чудо за да чаирчани во 2.квалификациско коло во Конференциската лига не се сретнат со Санта Клара од Португалија, првиот меч на 22 јули се игра во Скопје, реваншот на 29 јули во Португалија.

Прекрасно ќе биде во следната фаза во ова европско натпреварување да имаме четири екипи, но сепак останува да видиме како ќе одиграат Струга Трим Лум, Силекс и Шкупи.

Им посакуваме многу среќа и добри настапи, секако и пласман понатаму.

Интересно е тоа што тие играат и за солидна сума пари. Имено досега сите три екипи со настапот во првата квалификацска рунда заработија по 150.000 евра плус солидарниот фонд од 100.000 евра. Во случај да се пласираат во 2.квалификациско коло во Конференциската лига, нив ги чека “премија“ од УЕФА од по 350.000 евра.

Значи играш две кола и заработуваш 600.000 евра, сума која е годишен буџет на некои наши прволигашки клубови.

Токму затоа вреди да одиграат најдобро што можат.

ФОТО: FB FK Liepaja

ПретходноПаднал договор, Алиоски си пружи рака со турскиот гигант
СледноИвана Кметовска е нов член на Бадел 1862