Трагедија во Кишињев: Силекс со примен гол во 95.минута доживеа елиминација (ВИДЕО)

2858

Каков шок за херојскиот Силекс вечерва во Кишињев. Кратовци во реваншот од 1.квалификациско коло во КЛ со гол примен во 95.минута загуби со 0:1 од Петрокуб и со тоа доживеа елиминација и тоа со вкупни 1:2. Тогаш кога сите се подготвуваа за продолженија.

Кратовци одлично се бранеа до таа кобна 95.минута, но тогаш Платика даде гол за еуфорија кај Молдавците.

Штета, Силекс долго ќе го памети Кишињев.

Мечот почна со агресивна и напаѓачка игра на Петрокуб, кој “влезе“ на овој реванш дуел со цел што побргу да постигне гол. Додека нашиот евро – претставник се ориентираше строго на одбрана, имаше обиди за контранапади, но ништо од посериозна закана кон домашниот гол. Се редеа шансите пред голот на кратовци, сепак голманот Даниел Божиновски блескаше на својот гол, остана несовладан по првите 45.минути. Секако дека тука своја улога одигра и комплетната одбрана на составот на стратегот Горазд Михаилов кој не дозволи да се тресе мрежата на Божиновски. На моменти видлива беше нервозата на домашниот состав, пред се на напаѓачите С. Платика и М. Платика. Но сепак Силекс замина на пауза со тие почетни 0:0.

СЕ ИГРАШЕ “ВИКТОРИЈА“ ПРЕД ГОЛОТ НА СИЛЕКС

И вториот дел започна со силна иницијатива на домашните. Сепак треба да се каже дека Мустафов прв се обиде, но немаше среќа да го загрози домашниот голман. Додека домашните во продолжение шутираа од сите позиции, но без некој посебен успех. Посебно убава шанса имаше Доуанла во 53.минута, но Силекс имаше среќа. Од само 3-4 метри успеа да го промаши празниот гол на Божиновски.

Во тие моменти како да се играше “викторија“ пред голот на Силекс. Амброс беше најдобар на теренот, ги проигруваше своите соиграчи, и натаму се редеа шансите пред голот на Силекс, но гол немаше, па немаше. Фудбалерите на Петрокуб беа во очај, одлична одбрана на нашиот тим.

Ништо ново и во продолжение од средбата, и натаму Молдавците атакуваат, додека Силекс херојски се брани, во тие моменти кратовци не ја ни “видоа“ противничката половина, но најважно беше да се одбранат тие 0:0.

Каква ли шанса имаше Гулчеац во 80.минута, кога сам пред голот од само 4-5 метри ја упати топката над голот на Силекс,каква среќа за нашиот тим. Неколку минути подоцна нова бравура на Божиновски, М. Платика шутира со глава а голманот на кратовци фантастично одбрани.

Браво Даниел…

И тогаш трагедија, во 95.минута Платика постигна гол за победа и пласман понатаму.

1.квалификациско коло во КЛ (реванш) – 1:1 првиот меч

ПЕТРОКУБ – СИЛЕКС 1:0 (0:0)

Стадион на Зимбру во Кишињев (Молдавија). Судија: Елчин Масајев (Азербејџан). Стрелци: Платика 95. (ПЕТ) Ж. Картони: Мустафов (СИЛ).

ПЕТРОКУБ: Меира, Ревенко, Потирниче, Ефрос,Жардан, Доуанла (79. Туркан), Санду (46. Јосипоу) Богачиќ (59. Гулчеац), Амброс (90. Бехан), С. Платика, М. Платика.

СИЛЕКС: Божиновски, Љамалари (68. Ј. Серафимовски), Стојчевски, Митрев, Рајков, Митревски (73. Пеев), Мустафов, Димоски, Алексовски (90. Спиркоски), Дуков (90. Манасиевски), Каланоски (68. Алии).

 

ПретходноПОЛУВРЕМЕ: Наумовски „чува“ 0:0 во Приштина, Маркоски утна зицер
СледноФото од новиот болид во Формула 1 за новата ера!