Во Маврово се работи под „полна пареа“: Играчите се врвни професионалци

803

Македонската кошаркарска репрезентација во Маврово ги одработува физичките подготовки за настап на претквалификацискиот турнир, кој ќе се одржи во Скопје. Задолжен за формата на кошаркарите е Александар Кукриќ, еден од двајцата странски помошници на Драган Бајиќ.

„После паузата од минатата сезона, играчите постепено се адаптираат на тренажните оптоварувања. Како што е тоа и вообичаено, евидентно е дека паузата влијае на пад на формата, па затоа многу внимателно го планираме и програмираме секој тренинг. Со индивидуалниот пристап во работата настојуваме на секој играч да му овозможиме најдобар можен третман. Во овој период, најголем дел од времето е одвоен за физичка подготовка, додека еден дел од плановите е предвиден и за тактичко-технички тренинзи“, вели Кукриќ.

Тој е задоволен од досегашното залагање на момците, испрати комплименти на нивна сметка.

„Сите играчи тренираат со полн капацитет, и со гордост можам да истакнам дека станува збор за врвни професионалци, исклучителни луѓе и спортисти, кои се максимално посветени на работата и обврските кои со себе ги носи играњето за националниот тим. Се надевам дека подготовките ќе протекнат без повреди, во добра работа и атмосфера. И дека на крајот ќе ги исполниме реализираните цели“.

Базичниот дел од подготовките на „црвено-жолтите“ завршува на 21. јули, по што се враќаат во Скопје.

ПретходноСерхио Рамос заборави дека веќе не го носи дресот на Реал (ВИДЕО)
СледноМагдевски направи трансфер во Плоешти!