Добра вест за нашиот сениорски национален тим донесе еднодневната пауза која е предвидена со планот за работа во периодот на подготовки.
По бројните откажувања во нашиот најдобар кошаркарски национален тим, една добра вест за предводникот, Драган Бајиќ. Од утре се приклучува и Андреј Јакимовски.
Младиот репрезентативец ја помина првата фаза од рехабилитацијата по операцијата на препоните. Сепак поради претпазливост, тој првите тренинзи ќе ги одработи со стручњакот за физика подготовка, професорот Александар Кукриќ.
„По оперативниот зафат со кој ги санирав проблемите со препоните, сакам да видам до каде сум со физичката подготовка. Ќе разговарам со селекторот и кондицискиот тренер на нашиот тим, со цел да направам план за работа во наредните денови. Ќе тренирам одвоено од тимот, но сакам да бидам дел од екипата. Ќе видиме како сето тоа ќе функционира, ми недостасуваат тренинзите со тимот, едвај чекам да бидам на теренот. Нема да форсирам со враќањето, со надеж дека стартот на претквалификациите ќе го дочекам што е можно поспремен“, изјави Јакимовски за официјалниот сајт на КФСМ.
Македонија во август во Скопје ќе игра претквалификации за СП 2023, за противници ги има селекциите на Словачка и Швајцарија.