Македонската младинска кошаркарска репрезентација денеска (16:30 часот) за противник ја има селекцијата на Швајцарија. По двете победи, избраниците на Тони Симиќ ќе се борат за првото место во групата и за пласман во полуфналето.
Доколку ги освојат бодовите тие во полуфиналето ќе играат против второпласираниот од групата Е (Белорусија или Унгарија).
„Имав прилика да погледнам добар дел од овој меч. Мислам дека конечниот резултат и не е изненадување. Луксембург не е селекција која треба да се потцени. Без оглед на поразот, сметам дека Швајцарија има подобар ростер, и дека денеска нè очекува уште потежок натпревар во однос на првите два. Го откажавме утринскиот тренинг, дечките треба малку да одморат. Три натпревари во три дена, тоа е убиствен ритам. Очекувам да одиграме уште подобро против Швајцарија и да бидеме дел од полуфиналето“, изјави за официјалниот сајт на КФСМ, Тони Симиќ.