Шкендија си тера по старо. Повторно пораз во Европа, сега од Рига. Вечерва на стадионот на Сконто во Рига, во првиот меч од 2.квалификациско коло во Конференциската лига, Шкендија загуби со 0:2.
Одново таа реализација беше катастрофална, тетовци имаа барем 3-4 добри шанси, но сепак не знаеја да дадат гол.
Па така пеколно тешко ќе им биде во реваншот во Скопје да ги стигнат тие 2:0 кои ги има Рига.
Сепак генерално Шкендија пак разочара. Едноставно далеку е оваа Шкендија од онаа Шкендија која фановите ја посакуваат.
Не треба да биде никакво оправдување фактот дека тренерот Ернест Ѓока не можеше да смета на Дита, Кривак и Садриу.
Како што и беше за очекување, домашните тргнаа агресивно кон голот на Шкендија. Желбата беше што побргу да се дојде до голот на Захов, и да се загрози. Сепак во тие моменти тетовци добро се држеа на теренот, а првата шанса за гол ја имаше токму Шкендија и тоа преку Ибраими, кој со лева нога шутираше за малку непрецизно.
Две минути подоцна Весли се закани, но Захов фантастично одбрани. Сепак во 13.минута истиот играч го совлада Захов, и тоа со глава по одлично изведениот корнер на Соисало.
По тој примен гол Шкендија притискаше на домашната половина, создаде и две големи шанси, но Камер Ќака едноставно не знаеше да погоди, посебно во 37.минута кога Нафиу како на тацна го послужи.
Па така со тие 1:0 за Рига се замина на пауза.
ЛЕТОНЦИТЕ СО НОВ ГОЛ…
По само 6-7 минути во второто полувреме Рига го удвојува водството. Одличната акција на домашните со гол ја круниса Вакулко за голема радост и еуфорија на стадионот на Сконто во Рига.
Шкендија одново се обиде да тргне во напад, тоа и го направи. Хебај влезе во игра место Рамадани, и токму овој фудбалер во 66.минута шутираше, и кога и сите ја видоа топката во мрежата на Рига, одново тој Бркиќ ја спаси својата мрежа. Одличен е овој голман на Рига.
До крајот на мечот нашиот шампион тргна речиси на се или ништо, имаше и шанса преку Ибраими, но неговиот шут беше блокиран. Додека домашните од контранапади беа опасни.
На крајот Рига – Шкендија 2:0. Реваншот се игра следниот четврток во Скопје.
2.квалификациско коло во КЛ – прв меч
РИГА – ШКЕНДИЈА 2:0 (1:0)
Стадион на Сконто во Рига. Судија: Ондреј Печанец (Чешка). Стрелци: Весли 13., Вакулко 52. (РИГ). Ж. Картони: Пауревиќ, Халими, Ругинс, Муритала (РИГ), Бејтулаи, Зејнулаи (ШКЕ).
РИГА: Бркиќ, Петерсонс, Саиз, Пауревиќ, Черномирдијс, Ругинс, Вакулко (79. Халими), Весли (61. Пишчевиќ), Брисола (68. Бабајан), Соисало (78. Лоукили), Лео (68.Муритала).
ШКЕНДИЈА: Захов, Мурати, Незири, Бејтулаи, Павич, Рамадани (57. Хебај), Алими (90. Билали), Нафиу (79. Игор), Дориев, Ќака (90. Зејнулаи), Ибраими.