Денеска и официјално почнува најчудната Олимпијада во историјата!

302

Кога во 2013 година ИОК одлучи по вторпат во историјата на ОИ, токму Токио да биде домаќин на Олимпијадата во 2020 година, никој ама баш никој не очекуваше дека тоа ќе биде најчудната Олимпијада во историјата.

На сцена стапи тој Ковид-19, па мораше ОИ да бидат пролонгирани за една година. И дојде денот “Д“, 23 јули 2021 година.

Па така денеска во 13 часот по македонско време, ќе почне церемонијата на свеченото отворање на ОИ во Токио. Денеска и официјално ќе започне Олимпијадата на која за првпат нема да има гледачи на трибините. За првпат нема да има гледачи на свеченото отворање, само 1.000 лица кои ќе бидат ВИП гости.

Тој страшен Ковид-19 си зема мерка и во светот на спортот, во светот на Олимписките игри. Некогаш цел свет беше во исчекување, се прашуваше кој ќе го запали олимпискиот пламен, кој ќе биде гостин на церемонијата. Сега се поставува прашањето, и тоа на неколку часа пред стартот, дали воопшто ОИ во Токио ќе се одржат.

Самата церемонија на свеченото отворање, секако, се држи во најголема тајност. Јапонија како земја домаќин се соочува со големи проблеми со коронавирусот. Од час во час бројките на заразени се поголеми и поголеми. Речиси на никого не му до ОИ, но сепак спортот треба да се слави. Спортот обединува и традицијата треба да остане.

Па макар и во вакви тешки времиња.

Македонија и на оваа Олимпијада нема да има свој учесник во некој екипен спорт. Ќе учествуваме со осум спортисти во седум поединечни спортови. Наш најголем адут за медал ќе биде таеквондистот Дејан Георгиевски, кој воедно ќе биде и знаменосец на свеченото дефиле денеска на олимпискиот стадион во Токио.

Па така, ни останува малку да заборавиме на короната и да уживаме во Олимпијадата покрај ТВ екраните.

Претходно„Бомба“ од Островот: Хари Кејн во Сити за 187 милиони евра!
СледноВо Италија само вакцинираните фанови можат на трибини!