Благоја Тодоровски ќе игра и во новата сезона во дресот на Теута. Искусниот офанзивен десен бек и раководството на првакот на Албанија се договориле да ја продолжат соработката за најмалку уште една година.
И покрај фактот дека Тодоровски имаше неколку понуди од клубови од Косово, од Албанија, имаше интерес и од клубови од нашата елитна лига, тој одлучи да остане во Теута, во тимот каде што во јули 2019 се пресели од Шкендија.
Инаку тој за овој период изминат во клубот од Драч, успеа да дојде до пехар во Купот на Албанија, трофеј во Суперкупот, а во последната сезона заедно со своите клупски колеги на Теута по подолга пауза и ја донесоа титулата во првенството.
Тој и вечерва беше еден од клучните играчи на Теута на гостувањето во Андора, каде успеаја да го победат составот на Интер Ескалдес и да се пласираат во 3.квалификациско коло во Конференциската лига.
Колку за потсетување, Тодоровски во својата долга кариера проткаена со голем број трофеи играше за Силекс, Динамо Букурешт, Глориа Бистрица, Ренова, Работнички, Шкендија и сега е во Теута.