Шабан Трстена е нашето најголемо име во спортот кога станува збор за Олимпијадите и медалите.
Македонското злато од Лос Анџелес 1984 и сребро од Сеул 1988 година. Единствениот кој се нашол во улогата која што денеска ја има Дејан Георгиевски на Олимписките Игри во Токио.
Трстена за СПОРТМЕДИА ни открива со какво чувство и емоции гледа кон денешниот ден и шансата Македонија да освои злато на Олимписките игри.
„Дејан е голем борец, голем спортист, кој уште пред да замине имаше резултати и беше единствениот наш спортист кој на Олимпијадата замина со изборена норма. Утрово во трите борби докажа дека е во страшна форма, дека има голем мотив и дека го посакува златото. Такви беа и неговите најави пред да замине во Токио, без разлика што ќе се случи во финалето, тој за нас е златно момче, кое треба да биде пример за сите спортисти. Тоа што го направив јас пред 37 години, од се срце сакам да му се повтори на Георгиевски, да се искачи на врвот и да го освои златото. Мојот совет е во ова финале да влезе смирено, без емоции и со голема концентрација кон противникот. Тој го помина најтешкиот пат, полуфиналето на Олимпијадите е најтешкиот дуел, а тој го победи. Има медал во џеб и сега сите сме со него и за него, во ова големо финале. Само напред шампионе“, изјави Трстена.