Толку од Шкендија во Европа летово – повторно со пораз и без даден гол (ВИДЕО)

944

Македонскиот шампион Шкендија ниту вечерва на Арената Тодор Проески во Скопје не покажа дека летово е кадарна да се натпреварува во Европа. Да, да фигурира како уште еден учесник во квалификациите на Лигата на Шампионите, а потоа и во квалификациите за Лигата на Европа да, но далеку дека е веќе конкурентен тим за нешто повеќе.

Вечерва Шкендија загуби од тимот на Рига од Летонија со 0:1, а вкупни 0:3, и повторно како и во претходните мечеви летово не успеа да постигне гол. Ниту пак имаше сериозна иницијатива, ниту пак заслужи повеќе од пораз и елиминација. Рига на хартија не е силен противник, ама на терен и тоа како е. Барем за Шкендија, најдоброто од Македонија во моментов. Свирежите и едно големо „УА“ на полувремето и на крајот од мечот од трибините се само нормална реакција на фудбалска публика која очекуала многу, а не видела ништо.

Самиот почеток на мечот, не го донесе она што Шкендија го најавуваше пред овој меч. Атак, офанзива, создавање шанси но овојпат и нивна реализација.  Не видовме ништо од тоа. Напротив Рига целосно рамноправна, а во шанса поконкретна и поопасна.

Ната на асистенција на Брисола уште во шестата минута можеше да донесе 0:1, но Захов на место и сконцентриран. Следуваше единствената шанса за домашните во првиот дел, кога Дориев асистира за Ибраими, а овој од свртување блиску до петерецот шутираше силно но директно во Бркиќ.

Капитенот на гостите Иван Пауревиќ се обиде следен со удар од дваесетина метри покрај голот, а Лео во 42. минута на два пати се обиде од непосредна близина но одбраната на Шкендија во оваа ситуација присебна, па блокираше на два пати.

Гостите дојдоа до посакуваното водство

Второто полувреме налик на она претходното со назнака дека Рига дојде до тој толку посакуван гол на гостински терен со што си го осигура пласманот понатаму веќе во 52. минута.

Вакулко нафрли од лево по земја откако гостите одиграа солидна акција до неколку додавања, а на петерецот иако меѓу двајца дефанзивци одлично се снаоѓа Соисало и забива во мрежата на Захов.

Следуваше зицерот на Дориев, кој си го создаде самиот по двојното проигрување со Алими, но ударот со лева нова заврши сантиметри покрај десниот дирек.

Обидите на Дориев и Алими беа следни, како производ на некаква си полуиницијатива на домашните пред противничкиот гол, кога Рига свесно си се повлече знаејќи дека не може да прими три гола и да ја врати Шкендија во живот.

 

 

Шкендија – Рига 0:1 (0:0)

Вкупен резултат: 0:3

Арена Тодор Проески во Скопје

Гледачи: 1000

Главен судија: Фабио Мареска Помошници: Чиро Карбоне,Салваторе Лонго (Сите од Италија)

Стрелци: Соисало 53 (Р)

Ж.Картони: Џака, Хебај, Кривак (Ш) Ната (Р)

Шкендија: Захов, Павиќ, Алими (Биљали 87), Бејтулаи, Ибраими (Елези 72), Нафиу (Игор Да Силва 68), Дориев, Мурати (Зејнулаи 88), Кривак, Џака (Тимовски 88), Хебај

Рига: Бркиќ, Ортегон, Брисола (Халими 64), Ругинс, Петерсон, Соисало(Пишчевиќ  73), Пауревиќ, Вакулко (Лоукили 64), Лео, Ната, Черноморџис.

 

 

ПретходноАлпај Јусуф е второто засилување за Пелистер!
СледноСимоновски го „тресна“ Феенорд, но Дрита елиминирана во 90. минута (ВИДЕО)