Вечерва од 22 часот по македонско време, екипата на Шкупи ќе го одигра реваншот против силната Санта Клара во рамките на 2.квалификациско коло во Конференциската лига. Познато е дека првиот меч во Скопје пред една недела заврши со триумф на еден од најдобрите португалски тимови со 3:0. Токму затоа се чини дека патникот за следната фаза од ова натпреварување е познат.
Но, тоа не значи дека Шкупи на далечните Азорски острови отпатува на излет. Напротив.
И покрај фактот дека му гостуваат на силен тим, и покрај резултатот од првиот меч, момците на стратегот Гоце Седлоски ветуваат голема борба. Со цел да се “извади“ што подобар резултат на Азорските острови.
Шкупи вечерва ќе настапи и драстично ослабен, нема да играат неколку клучни фудбалери, но тоа е шанса на оние кои ќе ја добијат довербата, да покажат што знаат.
Инаку ова за Шкупи треба да биде и своевидна “генералка“ во пресрет на стартот на сезоната во ПМФЛ, па токму и поради тоа мотивите за добро издание на чаирчани се уште поголеми.
Треба да се покаже на гости кај Санта Клара дека и Шкупи располага со квалитет.