Тргнавме со четири клубови во Европа ова лето, а ниту еден од нив не го дочека август. Нешто што во последно време се немаше случено. Шкендија во квалификациите во ЛШ, Шкупи, Струга Трим Лум и Силекс во квалификациите во КЛ.
Сите тие одиграа вкупно 12 меча и само Шкупи успеа да победи. Значи само една победа, три ремија и дури осум порази со гол разлика 6:22.
Реално само Шкупи се чини одигра во рамките на своите можности, си го победи Лапи, она што се очекуваше од него, ја мина првата пречка, и наиде на пресилната Санта Клара.
Тука реално ниту еден наш клуб, па и Шкупи не можеше нпто да направи.
Силекс како освојувач на купот беше елиминиран од Петрокуб, од Молдавија. Реми и пораз, сепак треба да се каже дека кратовци во реваншот во 90.минута примија гол за елиминација.
Струга Трим Лум, дебитантот во Европа, на првиот меч со Лиепаја дојде до 1:1, но дома, во Скопје, на реваншот беше убедливо совладана.
За Шкендија што да се говори. Тимот од кој се очекуваше барем да влезе во плеофот во Конференциската лига. А Шкендија прописно се избламира за сите пари што се вели. Во ЛШ беше елиминирана од Мура, во квалификациите во КЛ од Рига. Тетовци одиграа четири меча, на сите беа поразени и тоа со примени 9 голови и ниту еден, ниту еден постигнат.
Навистина срамно од Шкендија.
Токму затоа денеска цехот го плати тренерот Ернест Ѓока кој доби отказ.
Да се надеваме дека следното лето, нашите клубови ќе остварат подобри резултати.