Претседателот на владата Зоран Заев утрово ги прими носителот на сребрениот медал на Летните Олимписки Игри во Токио, Дејан Георгиевски и неговите тренери Дарко Костовски и Борче Костовски.
Премиерот му се заблагодари на Дејан за радоста што им ја донесе на граѓаните и истакна дека Дејан е пример и модел за младите дека ништо не е недостижно, дури и олимписките врвови кога талентот оди заедно со посветеноста за најдобри резултати и со упорноста да се постигнат.
Премиерот Заев рече дека успехот на Георгиевски е поттик за Агенцијата за млади и спорт да ги унапреди условите за развој на теквондо спортот и другите олимписки дисциплини за кои постои широк интерес меѓу младите.
Владата ја дополни одлуката за паричната награда за постигнатиот врвен олимписки успех и таа сега е поголема за 800.000 денари и изнесува два милиони денари од страна на Владата и 600.000 денари од страна на Агенцијата за млади и спорт.