Супертензичен меч одиграа селекциите на Русија и на Франција во групната фаза од ракометниот турнир на Олимписките игри. Русинките славеа победа со 28:27 и го држат второто место на табелата кое води во четвртфиналето, додека Французинките со овој пораз, втор на турнирот паднаа дури на петтото место. Да потсетиме дека Франција беше сребрена на претходниот ОИ во Рио, a златото замина кај Русинките.
Французинките водеа на полувреме со 17:15, но во второто полувреме Русинките беа подобри и посреќни во некои моменти и на крајот стигнаа до победата. Екатерина Илина реализираше 9 гола за Русинките, додека исто толку за Франција постигна некогашната „вардарка“ Алисон Пино.
Французинките во последното коло ќе играат со Бразил, додека Русинките со Шпанија.
Во другата група јасно е дека Норвешка и Холандија патуваат во четвртфиналето, а Црна Гора се најде блиску до пласман таму по денешната победа над Јужна Кореја. Одново за Црногорките најдобра беше Јованка Радичевиќ која постигна 6 гола. За Корејките Ли Ми-Јонг постигна 10 гола.
Црна Гора е трета на табелата со 4 бода, а да потсетиме дека првите четири репрезентации од двете групи одат во четвртфиналето.