Филип Михов (21) стигна до шампионската титула на Македонија во сениорска конкуренција, победувајќи на Отвореното првенство во шах кое од 24 до 31 јули се одигра во Струга.
Шахистот на најуспешниот македонски клуб, ШК Алкалоид, се издвои на врвот на табелата освојувајќи седум бода во девет партии, при што во последните три партии освои цел поен против Андреј Вељановски и Горан Главинац, кои беа меѓу првите што се наметнаа на врвот на табелата, а во последното коло ремизираше со ИМ Никола Николовски.
Михов на претходното Отворено првенство на Македонија 2019 имаше изборено пласман на завршницата односно за таканареченото Затворено државно првенство на кое според актите на ШФМ треба да се круниса државниот шампион, но тоа првенство федерацијата не успеа да го организира и го откажа.
Овој успех е уште еден во низата за шахистот со штипско потекло, кој како освојувач на медал од Информатичката олимпијада сега е студент на Оксфорд и по титулата младински шампион од 2017 година, сега во својата колекција ја додава и сениорската титула, со што направи исчекор и се доближи кон шаховскиот наслов ФИДЕ Мајстор.
Фото: Филип Михов и ИМ Тони Лазов (ШК Алкалоид)