Управата на МЗТ Скопје Аеродром денеска престави уште две нови американски засилувања. Неколку часа по објавата на трансферот на центарот Рикиќ, „штрковите“ потврдија дека се засилуваат и со двајца Американци, Дастин Ваер (31 год, 183 см) и Хуан Дејвис (24 год, 203 см).
Ваер игра на позицијата плејмејкер и зад себе има големо европски искуство, кое му почна пред десетина години во дресот на Цибона, а потоа настапувал за екипи како германски Улм, Јашеберени, ЗТЕ (Унгарија), Виши, Булазак (Франција), Лукоил Академик, Колосос и полски Шчекин каде што ги мина последните две сезони. Дејвис е крилен центар кој доаѓа од холандски Феенорд, а има играно и за финските екипи Нокиа и Каухајон, со кој беше дел од Лигата на шампионите на ФИБА.
Од шампионот потврдија дека Кристијан Николов, трета сезона по ред ќе го носи сино-белиот дрес откако го продолжи договорот со клубот.