Седло VS Бруно: Нова битка за титулата меѓу старите познаници!

1147

По цели пет години Бруно Акраповиќ се врати во Шкендија. Тука нема дилеми, тој мора да ја одбрани титулата првак на Македонија во следната сезона, и во Европа да го повтори успехот од летото во 2016 година кога стигна до плеј-офот во Лигата на Европа и двомеч со Гент. Секако дека пехарот во Купот на Македонија се подразбира.

Но, нема да му биде лесно на популарниот и харизматичен Бруно. Тој за ривал одново ќе го има Гоце Седлоски, сега тој како тренер на Шкупи. Факт е дека овие две екипи се најквалитетни во ПМФЛ и реално е само тие да се “прашуваат“ за титулата, а посебно зошто станува збор за двајца исклучително квалитетни стратези.

Сепак Бруно не го памети по добро Седлоски и тие дуели со Вардар во таа 2016 година. Имено на четири меча Босанецот тогаш успеа да дојде само до едно реми против Вардар со Седло на клупата. Доживеа дури три порази. Значи четири меча има Бруно против Седло, ниту една победа, едно реми и дури три порази со гол разлика 1:7.

За да си оди Шкендија по само 10 месеци на клупата на тетовци, се чини дека кобен беше тој пораз во Тетово на 23 октомври 2016 година. Тогаш Шкендија го пречекуваше Вардар, а имаше и меч помалку, оној со Шкупи за три дена. Седло тогаш имаше еден бод предност, и реално на Шкендија и одговараше и реми, зошто секако дека ќе славеше против тогаш слабиот Шкупи и ќе му побегнеше на Седло два бода. На тој 23 октомври 2016 година, на трибините под Шара имаше и повеќе од 15.000 гледачи. Тоа беше спектакл. Шкендија беше во фантастична форма, Бруно едноставно сакаше за првпат да ги победи Вардар и Седло, но на крајот со головите на Спировски и Попов, гостите славеа со 2:0. Големо беше разочарувањето во Шкендија, за само три дена и тој заостанат меч со Шкупи беше загубен со 0:1, и по тоа Бруно доби отказ.

Сега е време за нова битка за титулата во ПМФЛ меѓу Бруно и Седло, но сега меѓу Шкендија и Шкупи.

Првенството во ПМФЛ започнува веќе следниот викенд.

Да кажеме дека и двајцата ги „врзува“ голем респект и меѓусебно почитување како големи професионалци.

Дека е така говори податокот дека по освоената титула во мај 2016 година, Седло истакна дека токму Бруно бил меѓу првите кои му се јавил и му честитал на освојување на титулата.

ПретходноЦрна Гора со лекција за кошаркарите во првата контрола
СледноКиелини го потпиша новиот договор со Јувентус