Ако утринава постоеја и некои дилеми дали овој викенд ќе стартува новата и јубилејна 30-та сезона во ПМФЛ во самостојна Македонија, сега веќе нема дилеми.
Претстојниот викенд со мечевите од 1.коло стартува нашата елитна лига, и тоа на 8 август.
Секако дека има уште неколку дена да се направат анализи, да се слушнат изјавите на тренерите, да кажат што имаат да кажат стручњаците, но јасно е дека во новата сезона ќе гледаме битка меѓу Шкупи и Шкендија за титулата.
Објективно и реално, барем според буџетите и играчкиот кадар, само овие две екипи од сите 12 кои што ќе играат во ПМФЛ во сезоната 2021/22, можат да се наречат фаворити за највисок пласман.
И, сега кој ќе победи во таа битка? Шкупи или Шкендија?
Шампионот – Шкендија, или вицешампионот – Шкупи?
Ако останаше Ернест Ѓока на клупата на тетовци, тогаш тие немаа никакви шанси, вака со Бруно Акраповиќ би можеле да се вратат во ритам и да докажат дека сепак имаат најдобар тим.
Но, на Чаир се “гладни“ за титула. Веќе две децении го чекаат пехарот да дојде. Шкупи и затоа пред неколку месеци го донесе Гоце Седлоски, трофејниот стратег, екс тренерот на Вардар, кој во минатото покажа дека знае како се победува Шкендија, како се победува Акраповиќ.
Секако дека тоа ќе биде интересна битка, битка до „истребување“ што се вели, на фудбалски план.
И одново Скопје и Тетово ќе решаваат за титулата, како што тоа го правеа во последните 14-15 години.
Само сега го нема Вардар, Работнички драстично го подмлади тимот, Македонија ЃП ни одалеку не е тоа што беше.
Сега на сцена е Шкупи со Седло на чело.
Останува да видиме дали може одново, по третпат во својата кариера Гоце Седлоски да ја урне Шкендија.
Интересно. И двете екипи уште на стартот имаат жешки гостувања и тоа кај новите прволигаши.
Шкупи и оди на силната Брегалница, а Шкендија пак ќе му гостува на Тиквеш.
Ни останува да одбројуваме до недела кога и официјално ќе стартува новата сезона во ПМФЛ.