Во недела на 8 август, стартува новата сезона во ПМФЛ. Оваа сезона ќе биде јубилејна, имено по 30-ти пат во самостојна Македонија ќе се игра елитен фудбал во нашата Прва лига. Срѓан Захариевски минатата сезона како тренер на Струга Трим Лум направи подвиг. Ги “однесе“ стружани во Европа.
Важи за еден од нашите најдобри стратези. Токму затоа Спортмедиа го прашува Захариевски за коментар за тоа што може да се очекува во новата сезона во ПМФЛ.
“И јас едвај чекам да почне првенството. Сметам дека може да се очекува интересно и крајно неизвесно првенство во нашата ПМФЛ. И јас исто сметам дека Шкендија и Шкупи имаат мала предност и тие две екипи ќе бидат фаворити во битката за титулата. Имаат најголеми буџети, најдобри играчи и затоа сите ги потенцираат како екипи кои би можеле да дојдат до титулата“ вели Захариевски.
ПОЛА ОД ЕКИПИТЕ ЌЕ СЕ БОРАТ ЗА ОПСТАНОК…
Ако тие две екипи се фаворити, кој тоа според Захариевски би се борел за опстанокот.
“Реално според мене сите други екипи се послаби од лани. Брегалница можеби ќе донесе некое освежување, но сепак сметам дека сите останати ќе бидат тука некаде. Можеби половина лига и повеќе ќе се бори за опстанок. Сите сме тука некаде. Токму затоа велам дека ова ќе биде интересно и крајно неизвесно првенство“ посочува Захариевски.
Од аспект на неговиот тим, каде тоа Захариевски ја гледа Струга Трим Лум.
“Па, не би можел да бидам дециден. Лани направивме историски успех. Не сакам сега да проектирам каде би се нашле на табелата. Видете, нека почне првенството, да видиме кој што може. Во секој случај Струга Трим Лум како и секогаш, така и сега ќе оди на секој меч на победа. Само тоа можам да го ветам во мое и во име на играчите“.
ЌЕ СЕ НАДИГРУВАМЕ СО „ПАНДЕВЦИ“
Во недела од 20 часот, во Струмица, Струга Трим Лум го игра првиот меч во новата сезона.
„Добро е што средбата се игра во вечерен термин, под рефлектори па нема да биде толку топло. Академија Пандев, знаејќи го тренерот Александар Васоски, негува офанзивен и напаѓачки фудбал. Така ќе играме и ние, нема да има некои посебни калкулации. Токму затоа сметам дека тоа ќе се игра отворено и на гол повеќе на задоволство на навивачите“ заврши Захариевски.