Четвртолигашот Минстер кој беше поразен од Волфсбург со 3:1 по продолженијата во 1. коло од Купот на Германија, сепак, ќе оди во следната рунда на националниот куп, откако Волфсбург се очекува да биде дисквалификуван поради аматерска грешка.
Имено, Волфсбург направил шест измени за 120 минути игра, што е спротивно на правилата и статутот на натпреварувањето.
Тренерот Марк Ван Бомел направи три замени во регуларните 90 минути и уште три во продолжението. Според статутот на ДФБ, последната промена кога Адмир Мехмеди го замени Максимилијан Филип не смееше да се случи.
Судијата Кристијан Дингерт, исто така, во својот извештај наведе дека има пропуст во замените, а од Минстер веќе подготвуваат жалба.
„Свесни сме дека Волфсбург направи шест промени. Ќе разговараме за ова внатрешно и ќе видиме како понатаму”, изјави менаџерот на Минстер, Питер Нимаер.