Македонските одбојкари го одработија првичниот и најдолг период од подготовките за настапот на Европското првенство 2021. Во базата во Маврово тренираа безмалку еден месец, а денеска и утре се во Скопје по што ќе го почнат периодот на пријателски натпревари како еден од најважните сегмнети за достигнување вистинска форма пред нашето второ учество на континенталните самити.
„Задоволен сум од 27-те денови минати во Маврово. Работевме на секој дел, физички, технички и тактички, одбојкарите го имаа вистинскиот пристап, сите се мотивирани да дојдеме до ниво коешто ќе ни овозможи самодоверба, но и реална надеж дека можеме да ги оствариме нашите амбиции“, вели селекторот Душко Николиќ.
Во групата во финскиот град Тампере, македонската репрезентација најпрво ќе игра со домаќинот, како што беше и на првото европско првенство за нас пред две години во Љубљана. Тогаш загубивме од Финците, па и покрај тоа што остваривме две победи, меѓу нив и онаа над европскиот вицепрвак Словенија, не ја минавме групата. За разлика од тогаш, сега сме поискусни, што може да биде предност, но точно е и дека веќе не сме изненадување за ниту еден противник.
„Наша цел во оваа фаза е да работиме на себе, да го оствариме тоа што можеме во смисла на подготовка на тимот. Дали сме успеале ќе покажат натпреварите на Европското првенство, а дотогаш ќе имаме доволно време дополнително да ја анализираме нашата игра на претстојните пријателски натпревари. Јас сум оптимист дека се ќе биде како што треба“, уверен е Николиќ, кој во стручниот штаб ги има асистентот Арсение Протиќ и кондицискиот тренер Горан Пањковиќ.
Македонија в среда ќе оди во Белград за две контроли со актуелниот европски шампион Србија, а потоа ќе се врати во Скопје каде што ќе го очекува традиционалниот турнир „Чајка“. Во перидоот од 19-21 овој месец, ќе ни гостуваат Црна Гора, Израел и Словачка, а по натпреварите во салата „Борис Трајковски“ постои опција да биде закажан уште еден двомеч со реномиран противник, но само доколку селекторот Николиќ процени дека има потреба за дополнителен тест.
Од сите одбојкари (вкупно 24) коишто го минаа мавровскиот подготвителен филтер, посериозни здравствени проблеми има само Иван Андонов кој ја повреди раката, а поради тоа има минимални шанси да биде дел од патниците за Тампере. Сите други засега се подготвени да се надигруваат за место во црвено-жолтиот состав. Покрај натпреварот со Финска на први септември, на Европското првенство редоследно ќе ги одмериме силите со Холандија, со Турција, со Шпанија и со Русија, а за разлика од групата во Љубљана во 2019 кога петте натпревари ги одигравме за шест дена, сега ќе имаме три дена одмор, а групниот настап ќе го завршиме на денот на државноста осми септември, со надеж дека потоа ќе одиме чекор напред, односно во осминафиналето.