КОМЕНТАР НА 1. КОЛО: Колку е убаво кога на стадионите има и гледачи…

1177

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Ете, вчера стартуваше и новата, јубилејна 30-та сезона во ПМФЛ во самостојна Македонија. Подоцна за резултатите, за игрите, за (не)ефикасноста на стрелците.

Сега за тоа што се случуваше во Штип и Прилеп. Прекрасна глетка, иако имаше само по 2.000 гледачи на двата стадиони, сепак беше убаво, многу убаво. Иако температурите беа +40 степени Целзиузови се виде уште еднаш дека овој народ сака фудбал. И покрај ограничувањата, дека може да има само по 30% од капацитетите, и двата домаќини, и Брегалница и Тиквеш на мечевите со Шкупи и Шкендија имаа по максимални 1.800 – 2.000 гледачи.

Мина речиси 1,5 година откако не сме виделе фанови на трибините во ПМФЛ. Само вака и да остане, па макар и со 30%.

ШКЕНДИЈА И ШКУПИ СЕ “СОПНАА“ НА СТАРТОТ

И не само поради гледачите, на овие два стадиони видовме и одлично издание на Брегалница и Тиквеш, повратниците во елитата, против силните Шкупи и Шкендија. Се виде уште еднаш колку на ПМФЛ, и недостигаа овие две екипи. Со својата историја, квалитет, со своите фанови.

За Шкупи и Шкендија што да се каже?

Апострофирани пред стартот на сезоната како единствени фаворити за титулата, вчера не беа на своето ниво. Јасно е дека тоа беше 1.коло, дека беше пеколно топло, но Шкендија и Шкупи мора, со оглед на квалитетот, да бидат многу, многу подобри.

РАБОТНИЧКИ ТРГНА СО ТРИ БОДА…

Драстично подмладен, со Лука Станковски во тимот, со една нова млада енергија, Работничики го совлада Борец и ги освои трите бода. Има што да каже овој тим во новата сезона. Во јаноста посочуван како тим кој ќе се бори за опстанок, веројатно нема да биде така. Со Јанков, Ристевски, Тодоровски, Стојкоски, браќата Станковски, потоа тука се и странците, но и со останатите… овој тим на Работнички може и повеќе од битката за опстанок или средина на табелата.

Македонија ЃП “среќно“ дојде до трите бода. Гостите од Битола “фрлаат дрва и камења“ по судиите. Сепак реално од „лавовите“ многу повеќе се очекуваше.

Ренова пак „поткашлува“. Скопје изненади со својата игра и со својот квалитет. Тешко ќе им биде на сите кога ќе играат против “пиратите“, и не само на Автокоманда.

Академија Пандев и Струга Трим Лум одиграа како што и најавуваа, на крајот освоија по бод.

Па, нели, најважно на стартот е да не загубиш.

На крај да кажеме дека “паднаа“ само 6 голови на исто толку мечеви. Премалку…

ПретходноМеси стигна во Париз, наскоро потпис
Следно„Бомба“ во мак-баскетот: Екс кошаркар на Лејкерс и Барселона потпиша за Куманово!