Пораз на стартот од Грција за македонските кадети на Лазаров (ФОТО)

320

Македонската кадетска репрезентација со пораз стартуваше на ЕХФ шампионатот кој се одржува во Скопје. Избраниците на Кирил Лазаров помалку неочекувано беа совладани од Грција и тоа со 26-30 (11-16).

Илиески со шест гола беше прв стрелец, зад него беа Ѓорговски и Митев со по четири погодоци.

Слабата игра во првото полувреме беше причина за поразот од нашиот јужен сосед.

Македонија се држеше 12. минути, по што противникот со серија од 3-0 поведе со 5-9. Лазаров не можеше да најде решение, ракометарите влегоа во серија на грешки, а реализацијата беше слаба. Ова беше повеќе од доволна причина за да Грција дојде и на плус шест (5-11, 7-13, 10-16), на одморот беше 11-16.

Во вториот дел, Македонија одигра многу подобро. Прво дојде на минус четири, по што Грција ја продолжи доминацијата, поведе и со 14-21. Нашите ракометари со серија од 3-0 се доближија на 19-23 во 46. минута, промашија напад за минус три, а потоа заработија исклучување.

Избраниците на Лазаров во 57. минута спуштија на 25-27, период во кој Грција имаше играч помалку, а Македонија промаши напад и направи нова техничка грешка. Лошата игра во првиот дел на крајот пресуди.

Утре е ден за одмор на шампионатот, но веќе во четврток, Лазаров и неговите момци ги чека уште потешка задача, играат против Полска, која пак убедливо ја совлада токму Грција.

ПретходноПо Дончиќ, Далас потпиша нов договор и со Марјановиќ
СледноПСЖ ќе почека за дебито на Рамос: Пауза од еден до два месеци