Дали КФСМ и Бајиќ со Димитријевиќ си „купија алиби“ за евентуален неуспех?

1755

Марија Ковачева

Кошаркарска Македонија е под нов тежок предизвик, кој веќе еднаш го мина, но одново се најде пред истиот. За два дена стартуваат претквалификациите за Светскиот Куп 2023 година, нашиот најдобар национален тим треба да ги освои првите две места во конкуренција на Швајцарија и Словачка за да ја мине првата пречка.

На последната прес-конференција пред стартот на претквалификациите раководството на КФСМ заедно со селекторот Драган Бајиќ буквално го нападнаа нашиот најдобар играч, Ненад Димитријевиќ.

Членот на Валенсија одлуката дека нема да настапи во овие претквалификации му ја соопшти на спортскиот директор, Тодор Гечевски, само неколку дена по стартот на подготовките.

Минаа денови, недели од овој состанок, а КФСМ молчеше, на својата официјална страница не се пиша ниту ред дека Нено нема да биде дел од тимот, исто како што го стори за Дамјан и Војдан Стојановски, како и за Стојан Ѓуроски.

И сега одеднаш направија спектакл…Антиќ и Гечевски „буквално“ го нападнаа кошаркарот, кој сигурно во иднина ќе го носи националниот дрес, но најверојатно во едни поинакви услови, оти атмосферата која сега раководството на нашата „куќа на кошарката“ ја направи сигурно нема да биде мотив ниту за него, ниту пак за некој друг да се жртува да игра под македонското знаме.

Шокот не застана тука. Драган Бајиќ кој знаше само тројца кошаркари кога беше назначен за селектор, на прес-конференција се дрзна да го споредува Нено со Горан Пандев и Кирил Лазаров потенцирајќи на колку години играат за Македонија.

Се чини од КФСМ добро не го поткрепиле со правилни информации, додека се договарале само му нафрлиле.

Еве јас малку ќе ве подучам: Пандев до промоцијата на Мрме како селектор не играше за Македонија. Да, не играше…Имаше период и кога тој самиот не сакаше да го облече светиот дрес за кој вие господине Бајиќ зборувате.

А кога сме кај Лазаров, вистински професионалец пробајте да купите нешто од него, не само вие, туку раководството на КФСМ. Никогаш ама никогаш проблемите или пак откажувањата не се истакнуваат на штета на еден спортист, во случајот Ненад Димитријевиќ. Кога веќе зборувате за Лазаров, пролистајте ги сите неговите изјави, има што да научите од него. Добра лекција или совет можете да добиете и од РФМ или ФФМ, „скокнете“ до кај нив…

РАЗОЧАРУВАЊЕ???

За какво разочарување зборуваше Антиќ? Па кога веќе некој го употребува овој збор, прво треба добро да го исчисти својот двор.

Зошто претседателот не излезе пред јавноста и да им се извини на сите родители за големиот кикс што го направија со кошаркарите до 16 години.

Нели е разочарувачки да ги пуштиш децата на пат без да го добиеш резултатот од Ковид-тестот. Нели е разочарувачки да те избркаат од хотел во Србија како партал зошто во тимот имаш позитивни деца на коронавирус, нели е разочарувачки да ги пуштиш кошаркарите со едно мизерно комбе…

ИСТОРИЈАТА ЗАБОРАВЕНА ИЛИ ИЗБРИШАНА

Антиќ и Гечевски ја заборавија историјата. Да, точно, капа доле за успехот во 2011 година, но нели заборавија на внатрешните проблеми кои ги имаа на патот кон четвртото место.

Тогаш никој, ниту ние новинарите не пишавме збор. Зошто? За доброто на Македонија, за доброто на сите кошаркари, за да се радуваме на еден голем успех. Дел имаа шанса да ги видат сите сцени, дел да ги слушнат.

Штета, голема штета. Дојде време Петар Наумоски за кого мислевме дека е лош лидер (се чини се излажавме) да му одржи лекција на Антиќ, како треба да се однесува еден предводник на федерација, кој со цел да го навреди Нено го погази трудот на останатите репрезентативци. Ама не е првпат. По завршување на квалификациите за ЕП наместо да застане во одбрана на играчите, даде шокантна изјава.

И кога ќе се собере и одземе сето ова, доаѓаме само до еден заклучок:

Дали раководството на КФСМ на чело со Бајиќ вчера се обидоа да си купат алиби за евентуален неуспех во овие претквалификации. Ако Македонија не ја мине групата, тогаш свесно треба да се спакуваат и да ја остават кошарката во некои други раце.

ПретходноГрција прв противник за Лазаров и кадетите на ЕХФ шампионатот во Скопје
СледноПике за атмосферата во Барса по Меси: Не е баш најдобро…