Македонската одбојкарска репрезентација која се подготвува за настап на Европското првенство во септември, по базичните подготовки во Маврово почнува и со контролни натпревари. Денеска нашиот национален тим отпатува за Белград, каде утре и задутре ќе одигра две пријателски средби со најдобрата репрезентација на Србија.
Ова ќе биде извонреден тест за избраниците на селекторот Душко Николиќ, кои полека треба да ја темпираат формата за стартот на ЕП на 1 септември. За жал, Николиќ на овие два меча со Србија нема да смета на комплетниот ростер. Во Белград не отпатуваа младиот среден блокер Филип Савовски, поради семејни обврски, како и искусното либеро Васе Михаилов кој има мала повреда, па мора да продолжи со рехабилитацијата пред да се врати во тренажен процес.
Првиот меч со Србија го играме утре од 19 часот во малата сала на Београдска Арена, а на истото место в петок од 18 часот ќе го одиграме и вториот контролен меч.