На крајот на февруари, Сиријката Хенд Заза победи на квалификацискиот турнир во пинг-понг и ја доби првата олимписка норма во земјата за учество на ЛОИ во овој спорт. Во тоа време, таа имаше само 12 години.
Заза замина во Токио како најмлад учесник на Олимпијада од 1968 година. На Сиријката и беше доверено носењето на знамето на земјата на церемонијата на отворање, бидејќи пинг-понгарката беше единствената девојка во делегацијата на Сирија.
Девојчето е родено и израснато во Хама, Сирија, каде секојдневно живееше под закана да го загуби животот од воената состојба и терористичките напади. На петгодишна возраст, Хенд почнала да тренира шестпати неделно во старата сала без електрична енергија. Две години подоцна, таа имаше среќа да стане учесник на меѓународните натпревари на „Неделата на надежите во Западна Азија“. Таму, Хенд отиде за да го поддржи својот постар брат, но по победите над постарите играчи, тренерите и дозволиле да се натпреварува.
„Почнав да тренирам бидејќи сакав да бидам како мојот брат кој е шампион на земјата. Гледав видеа со неговите игри, учев и реков дека ќе станам иста како него. Брат ми ме инспирираше. Тој секогаш велеше дека ако работам напорно, можам да постигнам многу“, вели Заза.
На Игрите во Токио, Заза не успеа да освои медал. Сепак, вели дека тоа не ја разочара. Вети дека ќе продолжи да тренира шестпати неделно и ќе се натпреварува за медал на следните Олимписки игри во Париз. Меѓународната федерација за пинг-понг, исто така, смета дека Заза е една од најталентираните во спортот. 12-годишната Сиријка според претседателката на Меѓународната федерација, Ева Јелер, има таква посветеност кон пинг-понгот која ја нема кај толку млади спортисти. Според нејзиното мислење, Заза се уште треба да работи на техниката, но одлучноста и страста за играта ќе ја доведат до успех.