Димевски: „Нашите спортисти беа на високо ниво, очекувам да бидеме побројни и подобри на следните ОИ“

101

Македонскиот олимписки комитет на прес-конференција каде покрај претседателот Даниел Димевски и спортистите учесници дадоа целокупно мислење за Летните олимписки игри во Токио.

Беше привилегија да се биде во Токио имавме фантастичен склоп на спортисти и тренери, со одлично дружење и атмосфера. Направивме капитал во луѓе кој од година во година само ќе се надоградува. Ја претставивме Македонија во најдобро светло, бевме на ниво на секој настан. Бевме бројни, не бевме невидливи, домаќините добро не примија и максимално го одработивме овој настан. Им благодарам на сите за максималното залагање и резултатите што ги постигнаа, сите имаат одлични резултати, постигнати се лични како и национални рекорди и сето тоа е заокружено со фантастичниот настап на Дејан Георгиевски кој донесе сребрен медал. Тоа е највисокото одличје кое во моментов го имаме во нашата држава.

Оптимизмот кој зрачеше од Дејан во секој негов настап е плод од долгогодишна работа која е максимално осмислена, водена професионално и реализирана во медал на ОИ. Привилегија ми е што јас лично верував во целиот тим, посебно во Дејан, и ќе кажам една тајна, дека уште од првиот ден кога се запознавме со Дејан си реков дека со него ќе прославам медал од ОИ“, кажа Димевски.

Првиот човек на МОК се надева дека во иднина македонската делегација ќе биде побројна и поприсутна во повеќе спортови и се разбира ќе се донесат и медали.

Мило ми е што МОК веруваше во стипендистите и тие ја оправдаа довербата, а ние како организација ќе продолжиме да стипендираме идни наши ѕвезди. Сега ќе имаме слатки маки тоа да бидат што повеќе спортисти, ако на овие ОИ поставивме високо ниво, на наредните да бидеме на уште повисоко но и побројни, со повеќе олимписки норми и со повеќе одличја. Кога дојдоа на чело на Олимпискиот комитет реков дека нема само да учествуваме туку ќе одиме да запишеме добар резултат на секој настан. Тоа го направивме сега, тоа ќе го направиме и во иднина.

Сите други спортисти заслужуваат максимална почит, бидејќи ги подобрија личните и националните резултати и сите акумулираа искуство кои ќе им помогне во кариерите но и истото да го пренесат на другите колеги.

Мислам дека имавме фантастичен настан позади нас и многу ми е мило што го израдувавме народот со фантастичен пречек. Поминаа доста години кога учествував во пречекот по Литванија и видовме што значи тоа за народот. Мило ми е што Дејан направи нов урнек. Дека секој млад спортист мора да се види горе на подиумот и дека врвниот резултат е тоа што треба да се постигне. Мислам дека Дејан тоа на дело го покажа и тој пример ќе го следат и други и за нашиот спорт ќе нема зима“, додаде првиот човек на МОК.

ПретходноНајавите се потврдија: Македонија на ФИФА листата падна за десет места!
СледноРистовски и Илиев во тимот на колото во Словачка (ФОТО)