Борец против Тиквеш, татко против син: Фудбалска “војна“ во семејството Христов!

4526

Во недела во Велес, во рамките на 2.коло во новата сезона во ПМФЛ, своите сили ќе ги одмерат Борец и Тиквеш. И ништо необично, но дали е баш така. Имено тренер на велешани е Борче Христов, а напаѓач и еден од најдобрите фудбалери кај кавадарчани, е Симеон Христов.

Значи во недела во Велес ќе се „судрат“ татко и син, еден против друг и тоа во битка за бодови.

Не сме толку сигурни дека имало вакво нешто во минатото во изминатите 29 сезони во ПМФЛ.

Прв збор, секако, има таткото, Борче Христов.

Ќе биде чудно, ќе биде необично. Ова ќе биде првпат да играме еден против друг, јас како тренер, а Симе како фудбалер. Во минатото се случувало јас да му бидам тренер, да сме биле во иста екипа, но сега ќе биде првпат да бидеме во спротивни екипи“ вели стратегот на Борец.

Тој вели дека има специјална тактика за својот син…

Секако дека му спремив специјална тактика, и не само на теренот. Нека биде изненадување. Сакам победа на Борец, тука нема дилеми, сакам да го видам Симе како е тажен после натпреварот, но само после овој натпревар. Интересно, во оваа “војна“ одам сам од сите во семејството Христов. Сопругата, снаата, другиот син, замислете, сите во недела ќе навиваат за Симе. Сите се против мене“ малку во шега истакнува Борче Христов.

УФ, КАКО ЌЕ СЕ РАДУВАМ АКО ПОБЕДИ ТИКВЕШ…

Симеон Христов има 28 години. Играл за повеќе наши клубови, има и интернацинална кариера. Интересно, пред две сезони играше за Борец, и беше еден од најзаслужните што велешани се пласираа во елитата. Овојпат беше еден од најзаслужните што Тиквеш влезе во ПМФЛ.

Па, и за мене ќе биде чудно. Ќе морам да играм против мојот татко. Долго сум во фудбалот, но никогаш не помислував дека ете може и тој ден на дојде. Сепак, јас сум професионалец, ако тој сака победа на Борец, секако јас посакувам победа на Тиквеш. Уф, како ќе се радувам ако успееме да победиме, уште ако постигнам гол ќе нема крај на мојата радост и моето задоволство“ посочува синот Симеон.

И тој не крие дека ќе ја има поддршката од семејството…

Па, и нормално е да навиваат за мене…се шегувам. Видете, и двајцата сме професионалци, и двајцата треба да ја посакуваме победата на својот тим. Како би изгледало поинаку. Во секој случај ова 2.коло, нема да бидеме ни Борец ни ние под некаков си притисок. Очекувам добар фудбал, со голови, едноставно сите да уживаме. Па кој е подобар, тој нека победа“ заврши офанзивецот на Тиквеш, синот Христов.

ПретходноПандев го добива Нагатомо за соиграч во Џенова
СледноСамо што дојде во Челзи: Лукаку е во карантин!