Вечерва со мечот Валенсија-Хетафе почна и новата сезона во шпанската Ла Лига. На „Местаља“ победи Валенсија со 1:0 со гол на Солер во 11. минута од пенал. Уште по нецели три минути Валенсија остана со играч помалку затоа што Гиљамон доби директен црвен картон поради неспортски потег.
Со фудбалер помалку Валенсија имаше проблеми против Хетафе кој имаше голем посед на топка и многу шанси (вкупно 17 шутеви кон голот), но ниту еден не беше прецизен. Може да се каже дека „лилјаците“ имаа и среќа на овој меч.
Хетафе во финишот остана со играч помалку затоа што Кабако поради втор жолт картон го напушти теренот, па силите беа изедначени.
Валенсија дојде до стартна победа, но ќе мора многу да работи на формата ако сака оваа сезона да брка излез во Европа.