Гарај откри зошто мораше да се пензионира: Зглобот на колкот ми се распаѓа

273

Кон средината на јули, поранешниот дефанзивец Валенсија и репрезентативец на Аргентина, Езекиел Гарај, објави дека се пензионира. Деновиве тој во неколку интервјуа отворено зборува за главната причина поради која мораше да и стави крај на кариерата на 34-годишна возраст – болеста со која се справува.

„Морам да признаам, сакав да го одложам овој момент, но тоа е невозможно. Во изминатите три години, јас тивко се борев и се обидував да најдам решение за проблемот што одеднаш се појави. Станува збор за болеста коксартроза. Ми создаде толку болка што понекогаш ме прави неподвижен“, вели Гарај.

Во модерниот фудбал, 34 години и не се возраста за пензионирање, особено за дефанзивец. Сепак, коксартрозата беше посилна и од желбата на Езекиел да ја продолжи кариерата.

Коксартроза е болест во која зглобот на колкот буквално се распаѓа. Таа е тешка форма на остеоартритис на зглобот на колкот. Кај спортистите, овие проблеми се јавуваат главно поради зголеменото оптоварување, а кај фудбалерите зглобовите се трошат многу повеќе поради сериозните напори на натпреварите и тренинзите. Лошата вест е дека овој процес не секогаш застанува во раните фази и знае да биде комбинацијата на огромен број фактори, како што се наследната диспозиција, траума, операции, па дури и вродени аномалии на зглобовите. Тоа доведува до прогресија на болеста, како во случајот со Гарај.

Како и кај секоја слична болест поврзана со постепено уништување на зглобот, лекарите советуваат итно ограничување на оптоварувањата или крај на кариерата. Гарај мораше да се одлучи за второто, поради сериозните болки. Сега вели дека ќе се посвети на лекувањето и се надева дека работата ќе се стабилизира за  да се запре или барем да се забави прогресијата на болеста.

ПретходноИзненадување: Наинголан денеска лета за Белгија на потпис со локалниот Антверпен
СледноМакедонија – Словачка ќе се игра пред публика: Влезот е слободен!