Без браќата Њокас кои поради Ковид-19 се во изолација, Металург по поразот од Тиквеш се покажа во едно поинакво издание на меѓународниот турнир во Струга.
Тимот од Автокоманда одигра одлично против Е. Пелистер, но на крајот беше совладан со 24-25. За избраниците на Жељко Бабиќ ова беше прв триумф на турнирот.
Битолчани поведоа со 3-6, имаа позитива од 5-9. Металург успеа да се консолидира, со серија од 7-2 за првпат дојде од водство од 12-11 во 24 минута. На одморот беше 14-13 за тимот од Автокоманда.
По одморот Металург пропушти шанса за плус три при 15-13, позитивата ја одржуваше до 41 минута, по што битолчани со три гола во низа дојдоа на 17-20.
Седум минути подоцна, “металурзите” израмнија на 20-20 за неизвесна завршница. Табоада реализираше за 24-25 на 24 секунди до крајот, на другата страна тимот од Автокоманда не искористи напад за реми.
Претходно во второто коло од групата 1 на 49. издание Бутел Скопје и Струга одиграа без победник 23:23.