Кадетската репрезентација на Македонија дојде до победа во полуфиналето на ЕХФ шампионатот против Швајцарија после пеналите со 34:33 откако во регуларниот дел мечот заврши 28:28. Голманот Галевски и Митев беа играчите кои ја кутнаа Швајцарија и донесоа за Македонија финале во недела против Полска.
Селекторот Кире Лазаров е горд за пласманот во финалето на шампионатот и верува дека може и да се триумфира.
„Мене ми е драго поради момците што успеаа да се изборат и да стигнат до финале, сега во најмала рака имаме второ место што води во уште едни квалификации. Начинот на кој дојдовме до победата и се она што се случуваше на теренот на овој историски и интересен натпревар.
Се чувствувам горд и среќен поради момците, мислам дека и господ нѐ сакаше и нѐ награди на крај. Ние многу пати бевме во губитничка ситуација, дечките покажаа карактер, направив добар избор на играчи на кои им верував за пеналите и навистина сум горд.
Мислам дека оваа победа ќе не ги крене момците и во финале ќе излезат без разлика кој е противник. Дури и да е Данска и најдобриот на светот, дури и Европскиот првак на ЕП во Хрватска ќе излеземе да победиме и да им покажеме на сите дека заслужуваме да го освоиме ЕХФ шампионатот“, вели Лазаров.