Македонската кадетска репрезентација се пласираше во финалето на ЕХФ шампионатот, откако по изведување на две пенал серии ја совлада Швајцарија со 33-34 .
Избраниците на Кирил Лазаров имаа шанса мечот да го решат полесно и во регуларниот дел, но имаа падови и промашени шанси.
Швајцарците го диктираа темпото до 14. минута кога нашите ракометари со серија од 5-0 за првпат поведоа на натпреварот и тоа со 7-10 во 19. минута. Оваа позитива ја одржуваа до пред самиот крај на првото полувреме, на одморот беше 13-15.
Противникот се обидуваше да го наруши ритамот во нашиот состав, дојде до еден гол негатива 18-19 во 40. минута. Добра игра во одбраната ја врати Македонија на плус три на средината на второто полувреме (19-22).
По бројни нереализирани напади, Швајцарија успеа да израмни на 22-22 за драма во последните 10 минути, а потоа и да пове со 24-23 во 55. минута.
Се исправивме со два гола во низа, го вративме водството на минута до крајот (26-27). Швајцарија израмни, Македонија не успеа да го реши мечот во регуларниот дел (28-28), победникот се решаваше по изведување на седмерци.
Не беа доволни пет пенали, па се одеше на нова серија во која Македонија беше подобра.
Во финалето кое се игра во недела, Кирил Лазаров и неговите момци ќе играат со Полска, селекција која еднаш ја совладавме.