Се враќа Премиерлигата: Експертите имаат само два фаворити за титулата – Челзи и Манчестер Сити

247

Најатрактивното национално фудбалско првенство, англиската Премиер лига, вечерва и официјално ја крева завесата на новата сезона 2021/22. Премиерата ќе ја имаме на теренот на новајлијата Брентфорд, кој пред своите навивачи дебитира во најсилната англиска конкуренција по пауза од 29 години. Брентфорд вечерва го пречекува Арсенал во првиот меч од 1. коло кој е закажан со почеток од 21 часот.

Точно 380 натпревари треба да се одиграат и оваа сезона за да го добиеме новиот премиерлигашки владетел. Титулата ја бранат момците на Пеп Гвардиола од Манчестер Сити, кои според многу араметри и годинава ќе бидат еден од главните фаворити за шампионскиот трон. Минатата сезона, Манчестер Сити по третпат во последните четири сезони ја освои титулата, но годинава ќе имаат сериозни ривали во Челзи, Манчестер Јунајтед, Ливерпул… Челзи кој ја освои Лигата на шампионите годинава ќе биде уште посилен со доаѓањето на Ромелу Лукаку и со уште неколку одлични засилувања во таборот на Томас Тухел. Манчестер Јунајтед минатата сезона заврши на второто место, но сега се засили со играчи како Џејдон Санчо и Рафаел Варан и ќе тргне по својата прва титула по завршувањето на ерата на Сер Алекс Фергусон.

Ливерпул исто така сонува за титулата, особено што, покрај публиката, на „Енфилд“ се враќа и столбот во одбраната Вирџил Ван Дајк. Тимот предводен од Јирген Клоп остана без Вајналдум, и ќе биде интересно да се види како ќе изгледа новиот среден ред.

ББЦ во пресрет на новата сезона објави список со прогнози на дури 20 експерти, поранешни фудбалери и тренери, кои ги дадоа своите прогнози за тоа каков ќе биде финалниот изглед на табелата и кои тимови ќе бидат во ТОП 4 во битката за титулата и за Лигата на шампионите. Интересно, ниту еден од нив не рече дека Ливерпул ќе биде нов англиски шампион.

ПретходноБитолчани продолжуваат со засилувања: Пелистер го обезбеди и Стојан Ѓуроски
СледноДенеска нов тест со европскиот шампион: Се крева формата за Европското првенство