Иако плановите на раководството на Шкупи беа во новата сезона како домаќини да играат на својот, нов, реконструиран стадион на Чаир, сепак барем за првите два – три меча, одново ќе мора да се бара алтернативен терен.
Па така одбран е стадионот “Борис Трајковски“ во Маџари. Во недела од 17 часот, таму ќе се игра скопското дерби со Македонија ЃП.
Тоа значи дека чаирчани “избегаа“ од стадионот на ФФМ каде ги играа повеќето свои натпревари како домаќини. Имено овој стадион се покажа како крајно малерозен за Шкупи, и ако Шкупи некаде ја загуби битката за титулата со Шкендија, тоа е зошто стадион, односно теренот на ФФМ, воопшто не му одговараше.
Се разбира дека верните фанови на Шкупи, „шверцерите“ едвај чекаат тимот да се врати на Чаир, каде гостинските екипи ги чека вистински пекол. Познато е каква атмосфера тие прават, тогаш и на домашните играчи им е многу полесно.