Фудбалерите на Ливерпул стартуваа со убедлива победа на гостувањето кај Норич во премиерното коло од новата сезона на англиската Премиер лига. Избраниците на Јирген Клоп покажаа дека и оваа година имаат стандардно добар тим кој ќе атакува на шампионската титула славејќи со убедливи 3:0.
Конечно со столбот во одбраната Ван Дајк, кој денеска почна во партнерство на Матип, одбраната на „црвените“ беше сигурна и не дозволи да прими гол. Наспроти тоа, гостите успеаја да постигнат дури три погодоци.
Во 26. минута Жота по асистенција на Салах отвори за 1:0, а во второто полувреме во период од десетина минути, гостите го затворија мечот со уште два гола. Напрво Фирмино погоди за 2:0, а потоа и Салах со својот прв сезонски гол донесе водство од 3:0.