Пишува: Зоран Ѓоршоски
И дефинитивно не и оди на Шкендија. И со Ѓока и со Бруно. Шампионот игра очајно ова лето. Потребни му беа цели 518 минути за да постигне гол. Шест мечеви, тука ги сметаме и оние во Европа, пет порази и само едно реми. ОЧАЈ…
И замислете, Шкендија по првите две кола во новата сезона во ПМФЛ, е претпоследна на табелата и тоа со само еден освоен бод, и тоа е подобра само од Пелистер.
Замислете…
Ваква Шкендија не може ниту да помириса битка за титулата, а камоли да се бори со силниот Шкупи за пехарот.
Тимот на Гоце Седлоски е во ритам. Тука нема дилеми. Цврсто, организирано, тактички одлично, е така се игра и така се победува. Така победуваат големите екипи. Не треба да има тука никаква убавина. Бодовите се премногу важни за да се играат играчки.
РАБОТНИЧКИ ГНЕВЕН…
Синоќа во Струмица екипите на А. Пандев и Работнички одиграа убав натревар. Победија домашните со 2:0. Два пенали, два гола и три бода за “пандевци“. Своето мислење за судијата и за тоа како го отсуди мечот, ќе си го задржам за себе. Но…
Да, Работнички е гневен на непознатиот судија Владимир Ѓорѓиевски од Битола. Клубот од Градски парк денеска излезе со официјално соопштение. Па сега јавноста нека суди што и како.
А надлежните нека видат какво судење имаше синоќа.
Борец, можеби потценет во јавноста, уште еднаш покажа дека и тоа како знае да игра добро, да им направи проблеми на останатите. Вчера тоа на своја кожа го осети Тиквеш. Кавадарчани посакуваа три бода, а останаа со празни раце. Според шансите на велешани, Тиквеш добро и мина со тие 1:2.
Многу врева за ништо. Накусо тој е главниот заклучок за мечот на Автокоманда меѓу Скопје и Брегалница. По бод за двете екипи, никој не е поразен, тоа е најважно.
Струга Трим Лум не остави ништо на случајноста. Го победи Пелистер, иако доста “тенко“ со 1:0, сепак нели, три бода си се три бода. Дурисо оваа победа добива големо значење она реми со Академија Пандев во Струмица во првото коло.
Стружани знаат што сакаат, нема да биде изненадување ако и оваа сезона го повторат успехот од лани кога за првпат во својата историја излегоа на евросцената.