Без нашиот Аријан Адеми, но со Стефан Ристовски во стартниот состав, хрватскиот шампион Динамо (З) доживеа вистински дебакл на првиот меч од плеј-оф колото во Лигата на шампионите на гости кај Шериф во Молдавија. Домашните кои се големо изненадување во најсилното натпреварување оваа сезона, остварија високи 3:0 на домашен терен и со една нога зачекорија кон историски пласман во групната фаза од ЛШ.
Два гола за Молдавците постигна Малиецот Траоре, а еднаш во листата на стрелци се запиша и Коловос. Пред Хрватите сега е исклучително тежок реванш на домашен терен во кој ќе мора да надоместат огромна негатива.
Чекор напред кон групите во ЛШ отиде и Шахтјор, кој вечерва со 1:0 како победник замина од Монако. Голот за победа на Украинците беше дело на Педрињо во 19. минута.
Во третиот меч вечерва, Салцбург обезбеди минимална предност од 2:1 против дански Брондби. Гостите први поведоа преку Уре во 4. минута, а домашните возвратија во 57. минута преку Адејеми. Во самиот финиш на мечот, Американецот Аронсон им донесе победа од 2:1 и радост на гостите.