Ќе го урне ли Лукаку во Челзи проклетството на бројот 9?

197

Новото засилување на Челзи Ромелу Лукаку ќе има сериозна задача да го урне проклетството кое бројот 9 го носи на напаѓачите во клубот, пишува „Дејли меил“. Белгиецот се врати на „Стемфорд Бриџ“ по 10 години, но сега доаѓа со статут на еден од најдобрите голгетери на денешницата.

Во првиот престој тој го носеше бројот 18, но сега ќе игра со деветката ослободена од Тами Абрахам кој премина во Рома. Англиското издание направи список на играчи кои го носеа овој број на грбот, а само малкумина успеале да се носат со „притисокот“.

Во ерата на Премиер лигата 15 играчи на „сините“ играле со бројот 9 од кои на ниво биле само неколку. Џими Флојд Хаселбенк постигна 87 гола за 4 сезони и е најдобриот од нив. Џанлука Виали исто така имаше добри перформанси, 40 гола во 88 натпревари меѓу 1996 и 1999 година.

Од останатите имаа играчи кои потполно потфрлија како Марк Стејн, Матеја Кежман, Тони Каскарино, секако, не смееме да го заборавиме Фернандо Торес кој дојде како врвен европски голгетер, а потфрли на „Стемфорд Бриџ“.

Голем дел од фудбалерите една сезона ја носеле деветката и не останале повеќе. Такви беа случаите со Матеја Кежман, Ернан Креспо, Халид Буларуж, Стив Сидвел, Радамел Фалкао, Алваро Мората и Гонзало Игуаин.

Лукаку има сериозен товар на грбот, а уште во недела на мечот со Арсенал ќе може да покаже дека е спремен да излезе на крај со деветката на грбот.

ПретходноСкандал во Галатасарај: Го истепа соиграчот на сред меч, па си доби директен црвен картон
СледноИнтер тргна по напаѓач на Волфсбург