Денеска во 15 часот женската екипа на Каменица Саса, шампионот на Македонија, во меч од првата рунда во групата 8 во Лигата на Шампионите, ќе ги одмери силите со гигантот Јувентус. Денеска девојките ја пишуваат клупската историја. Зарем некој можеше да претпостави дека ете, во оваа фаза од најелитното европско женско фудбалско натпреварување, тие ќе искочат на мегдан против еден таков тим како што е Јувентус.
Фудбалерките на Каменица Саса одработија неколку тренинга во комплексот на Јувентус, пред стартот на овој меч, поточно на овој турнир. Впрочем таму и ќе се играат натпреварите. Атмосферата е добра и сите ветуваат дека ќе го дадат својот максимум како би се дошло до што подобар резултат.
Се знаат квалитетите на Јувентус, но сепак вреди да се обиде да се даде и максимумот.
Да потсетиме дека во оваа група, покрај Каменица Саса и Јувентус, тука се и екипите на Сент Полтен од Австрија и Бешикташ од Турција.