Вкупно 38 национални тимови во женска сениорска конкуренција ќе бидат дел од ждрепката на натпреварувачките групи која ќе се одржи на 20. август во Минхен.
Меѓу нив ќе биде и националната сениорска репрезентација на Македонија, која согласно со рејтингот на ФИБА, ќе го дочека формирањето на натпреварувачките групи од осмиот, според квалитет „шешир“.
Со оглед на бројот на пријавени селекции, натпреварувањето, односно квалификациите за пласман на наредниот женски Евробаскет во 2023 година, ќе се одвива во десет натпреварувачки групи.
Осум од нив ќе бидат составени од по четири учесници, а две со по три партиципанти. Двете земји, односно селекции кои се домаќини на Европското првенство, Словенија и Израел, исто така ќе бидат дел од квалификациите.
Најдобрите десет селекции во групната, квалификациска фаза, како и четирите најдобри кои ќе завршат како второпласирани, ќе обезбедат учество на завршниот турнир – Евробаскетот.
Ако во тие 14. селекции се двете кои се во улога на домаќини, тогаш правото за настап го добиваат наредните со најдобар скор од второпласираните национални селекции.
Инаку квалификациите ќе се одвиваат во три т.н. ФИБА „прозорци“. Првиот е од 11. до 14. ноември, 2021 година. Следниот во периодот 24-27. ноември, 2022 година, а последниот од 24. до 27. февруари 2023 година.